Македонија Нимиц денеска ќе се сретне со Иванов во Вила Водно

Нимиц денеска ќе се сретне со Иванов во Вила Водно

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска ќе го прими специјалниот пратеник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција за спорот за името, Метју Нимиц, кој од денеска до 4 јули ќе престојува во Скопје.

Средбата на Иванов и на Нимиц е закажана по 17 часот во претседателската резиденција на Водно.

Инаку, Нимиц е во посета на земјава на покана на македонската Влада, на разговори за начините за постигнување напредок во разговорите за наоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името.

Специјалниот пратеник на ОН во интервју за емисијата „360 степени“ на телевизијата „Алсат М“ пред неговото доаѓање, изјави дека овојпат не носи ново предлог-решение за името и дека во земјава доаѓа да ја тестира подготвеноста за сериозен напредок во разговорите меѓу Скопје и Атина за спорот за името.

На покана на Владата на Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина, веднаш по посетата на Скопје.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција последен пат ги посети двете земји кон крајот на јули 2014 година.