Економија Николовски: Наместо кај вистинските земјоделци, парите завршуваат кај сопственици на медиуми

Николовски: Наместо кај вистинските земјоделци, парите завршуваат кај сопственици на медиуми

Изјавите на министерот Михаил Цветков откриваат нови сомнежи дека сè уште се прават злоупотреби во Министерството за земјоделство и дека наместо кај вистинските земјоделци, парите завршуваат кај сопственици на медиуми, блиски до власта, изјави дополнителниот заменик-министер за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Според него, „со парите на граѓаните, со парите на вистинските земјоделци, се финансираат медиумите на Никола Груевски задолжени да шират лаги и да ја кријат вистината за криминалното владеење на фамилијата“.

– Според парите што ги имаат добиено „Трансмет“ и „Силекс неметали“, фирми семејно поврзани со телевизиите „Нова“ и „Сител“, Министерството за земјоделство како да е специјализирано за субвенционирање на медиумите што одработуваат за Груевски. Веќе објавивме дека сопственикот на телевизијата „Нова“, Сеад Кочан, којшто е сопственик и на фирмата „Трансмет“, за 17 месеци преку Министерството за земјоделство добива тендери во висина од 5 милиони евра. Но, министерот Цветков неодамна во интервју изјави дека „Трансмет“ има добиено тендер во висина од 8,5 милиони евра за изградба на системот за наводнување Равен – Речица, а најави и можност фирмата на Сеад Кочан да добие нов тендер за браната Речани, којшто е во тек – изјави Николовски.