Македонија Невладините организации недоволно ги користат фондовите од општествено одговорните компании

Невладините организации недоволно ги користат фондовите од општествено одговорните компании

Фондовите од општествено одговорните компании наменети за граѓанскиот сектор, недоволно се искористуваат од невладините организации. Причината лежи во бирократските процедури за донирање, со кои се соочуваат фирмите, но и во немањето доволно информации за можноста и за пристапот до ваквите донации од страна на невладините. Ова е ставот на стопанствениците и на невладините организации, учесници во проектот финансиска одржливот на невладините организации, кој денеска беше презентиран во Тетово.

– Ако компаниите се определат своите средства да ги донираат во граѓанскиот сектор, треба да имаат полиберални процедури, односно поедноставни административни процедури за донирање – вели стопанственикот Илир Идризи.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија, велат дека преку проектот финансиска одржливот на невладините организации, ќе се олесни пристапот до фондовите од бизнис-секторот.

– Со проектот ќе бидат опфатени околу 100 невладини организации од различни градови од Македонија. Се надеваме дека по реализацијата на проектот, невладините организации ќе имаат подобри и повеќе информации околу донациите кои можат да ги добијат општествено одговорните компании, што ќе овозможи во иднина да бидат финансиски одржливи – изјави Дриљон Исени, оперативен менаџер на Стопанската комора на Северозападна Македонија.