Македонија „Нетфликс“ стигна и во Македонија

„Нетфликс“ стигна и во Македонија

Позната мрежа за стриминг на филмови и на серии „Нетфликс“ соопшти дека го лансира својот сервис глобално, со што дава можност за користење на услугите на повеќе од 130 земји низ светот, меѓу кои е и Македонија, пренесе радио МОФ.

– Денеска сте сведоци на раѓањето на нова глобална телевизиска интернет-мрежа. Со ова, сите, од Сингапур до Санкт Петербург, од Сан Франциско до Сао Паоло ќе може да уживаат во ТВ-серии и филмови, симултано, без чекање. Со помошта на интернетот, ние ја даваме моќта во рацете на консументите да гледаат кога сакаат, каде сакаат и што сакаат – изјави директорот и коосновачот, Рид Хастингс.

Со месечна претплата, гледачите низ светот ќе може да уживаат во оригиналните серии на „Нетфликс“.

Во 2016 година компанијата планира да пушти 31 оригинална серија, но и нови филмови и документарци, како и широка палета на стендап-комедии и 30 детски серии, кои се достапни за сите претплатници, насекаде. Првиот месец од претплатата на „Нетфликс“ е бесплатен.

„Нетфликс“ е достапен буквално на секој уред со интернет-конекција, вклучувајќи ги персоналните компјутери, таблети и смартфони.