Подглавна секција Нетанјаху не отстапува: Ќе продолжиме додека не победиме

Нетанјаху не отстапува: Ќе продолжиме додека не победиме

Во меѓувреме, македонски брачен пар сè уште не е успешно евакуиран од Газа, еден месец по почетокот на контраофанзивата на Израел како реакција на терористичкиот напад на Хамас на Израел. Евакуацијата на брачниот пар била спречена откако било бомбардирано амбулантно возило околу Рафах

Фото: U.S. Department of State from United States, Public domain, via Wikimedia Commons

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху останува на ставот дека примирје нема да има сè додека не се ослободени сите израелски заложници задржани од Хамас.

Со својата копнена офанзива против исламистичкиот Хамас по масакрот врз Израелците во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, израелската војска го пресече Појасот Газа на два дела и сега го опколи градот Газа.

„Што се однесува до тактички, мали паузи – час овде, час онде – сме ги имале и претходно. Претпоставувам дека ќе ги провериме околностите за да овозможиме хуманитарни добра да се внесат или за нашите заложници да заминат“, изјави Нетанјаху додавајќи: „Ќе продолжиме додека не победиме. Немаме друг избор“.

Дополнително, израелскиот премиер најави оти очекува Израел „неопределено време“ да има „безбедносна одговорност“ над Газа по крајот на конфликтот, известува Гардијан.

Новинарот Џереми Боуен вели за Би-би-си дека не е докрај јасно како точно би се спровела безбедносната одговорност која ја споменува Нетанјаху, но за да се воспостави ваков систем, мора да постои палестинско тело кое би било подготвено да соработува со Израел. Според Боуен, по последниот месец бомбардирање, било кој Палестинец кој би се обидел да соработува со Израел би бил сметан за предавник.

Во меѓувреме, македонски брачен пар сè уште не е успешно евакуиран од Газа, еден месец по почетокот на контраофанзивата на Израел како реакција на терористичкиот напад на Хамас на Израел. Евакуацијата на брачниот пар била спречена откако било бомбардирано амбулантно возило околу Рафах, египетскиот граничен премин. Бомбардирањето резултирало во смртта на две медицински лица, известува Телма.

Има уште еден македонски граѓанин во Газа, но тој одбива да биде евакуиран бидејќи е дел од хуманитарна организација.

Обединетите нации сè уште стојат зад ставот дека е потребно примирје, како и повисоко ниво на хуманитарна помош во Газа. Коментирајќи на хуманитарната помош која стигнала во Газа преку Рафах, генералниот секретар на ОН Антонио Гутерес вели дека „капката помош не го задоволува морето потреби“. Тој потенцира дека без гориво, бебињата во инкубатори и пациентите во критична состојба ќе умрат.

Гутерез исто така го осуди зголеменото ниво на анти-семитски и анти-муслимански напади и дискриминација ширум светот. Гутерез исто коментираше на потенцијалниот ризик за ескалација на војната поради инволвирањето на соседните земји.

Вчеравечер, еден месец по нападот на Хамас, во Ерусалим се запалија 1,400 свеќи, по една за сите убиени во нападот на Хамас. На историскиот Западен ѕид се прикажаа лицата на 240 заложници кои сè уште се во Газа.