Македонија Нема мигранти на јужната граница, кризната состојба на сила до крајот на...

Нема мигранти на јужната граница, кризната состојба на сила до крајот на годината

Кризната состојба што лани во август ја прогласи Владата поради мигрантската криза, а ја одобри Собранието, и понатаму е на сила и ќе трае до крајот на оваа година.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) за „Мета“ велат дека во моментов ситуацијата на јужната граница е мирна, без масовен притисок, како што беше тоа случај минатата година, кога десетици илјади мигранти беа стационирани во импровизираниот камп кај Идомени од грчката страна на границата.

Од ЦУК велат дека припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) и на полицијата и натаму остануваат распоредени на граничната линија и секојдневно патролираат, според проценките на Армијата и на МВР.

– Ситуацијата е мирна и во транзитниот центар во „Винојуг“, кај Гевгелија, и во кампот на Табановце. Во моментов, во „Винојуг“ има 133 мигранти, додека во Табановце се околу 80. Секојдневно се обидуваме и работиме на подобрување на условите за престој, колку што се нашите можности – вели Надица Вчкова, портпаролка на ЦУК, каде е координативното тело за справување со мигрантската криза.

Претседателот Ѓорге Иванов, пред околу две недели, при посетата на МВР, соопшти дека има најава за втор мигрантски бран, кој се очекува летово и кој ќе биде сосема поинаков од минатогодишниот.

– Овој бран е веќе тргнат и се чувствува во централно-медитеранскиот коридор – изјави тогаш Иванов, додавајќи дека станува збор за бегалски бран кој трнува од Египет, каде моментално се наоѓаат пет милиони мигранти, додека на границата со Судан имало 20 милиони потенцијални мигранти од Рогот на Африка.