fbpx

Владата прогласи кризна состојба во енергетиката, претстои тешка зима

-

Владата прогласи кризна состојба во енергетиката која ќе стапи на сила на 1 септември и ќе важи 30 дена. На последната седница на Владата која се одржа вчера, беа донесени одлуки за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија.

Како што информираат од Владата, првата одлука се донесеува заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, а втората заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија. Двете одлуки се донесени на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

„Со денот на отпочнувањето на примена на овие одлуки, Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија и за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија постојано ја следи, анализира и проценува состојба на пазарите на електрична и топлинска енергија и предлага мерки согласно уредбите кои ги регулираат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба“, информираат од Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски пред два дена изјави дека ни претстои најтешката зима после Втората светска војна и дека со ребалансот веќе се обезбедени 76 милиони евра за антикризни мерки за одржување на ликвидноста во електроенергетскиот сектор, при зголемена цена на енергенси и при зголемена цена на електрична енергија.

„ЕСМ како државна компанија работи да обезбеди електрична енергија по најповолна цена, а државата согласно своите можности да ја субвенционира во најголем дел таа електрична енергија со цел да се спречи ценовен шок“, истакна Ковачевски.

Прогласувањето на енергетската криза, посочи, е со цел да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија во текот на целиот зимски период, како и затоплување на жителите на Скопје. Според Ковечевски, доколку ТЕ-ТО работи, веројатно е дека нема да има зголемување на цената на топлинската енергија во градот Скопје.

Претходно, на редовната седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог, која станува кризно тело што ќе ја следи состојбата со енергетската криза, заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи информираше дека планот на производство на АД ЕСМ за 2022 година е направен со зголемување од 25 отсто во споредба со 2021 година.

„ЕСМ ќе ја произведува целата електрична енергија која им е потребна на граѓаните и на малите потрошувачи и нема потреба да купува струја. Дополнително, сите производствени капацитети од домашното производство ќе се стават во функција, и поради тоа ги уверувам граѓаните не треба да се грижат, електрична енергија како и топлинска енергија ќе има доволно во текот на целата зима“, изјави Битиќи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.