Свет Балкан Нема договор за намалување на грчкиот долг

Нема договор за намалување на грчкиот долг

Грција и меѓународните кредитори не успеаја да постигнат договор за потенцијално реструктуирање и намалување на грчкиот долг. На понеделничкиот состанок на Еврогрупата, претставниците на грчката влада, министрите на државите од еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) не се договорија за конкретно намалување на грчкиот долг, нешто на кое грчката влада се надеваше по усвојување на нов пакет мерки кои ќе почнат да се спроведуваат до 2019 година.

За темата според информациите во Грција и Брисел можно е да се разговара следниот месец.
Првиот човек на еврогрупата, Јерун Дајселблум по состанокот го поздрави големиот напредок направен од грчка страна за имплементирање на мерки и реформи договорени со кредиторите, за што за возврат ќе добие нова рата од финансиската помош.

Според Дајселблум, во овој момент не е можен договор за намалување и реструкуирање на грчкиот долг и најави дека е неопходна и натамошна дискусија на оваа тема.

Најголемиот проблем за сега е неволноста на ММФ да се приклучи кон ваков договор. Пол Томсен од ММФ истакна дека Грција има направено напредок во спроведување на мерките, но потребна е и понатамошна работа за ММФ да се вклучи во програмата за кратење на грчкиот долг.

Дел од грчките медиуми го критикуваат неуспехот на состанокот на Еврогрупата, коментирајќи дека премиерот Алексис Ципрас со усвојување на новиот пакет мерки вложил многу, а за возврат добил само ветување дека за намалување на долгот ќе се разговара и понатаму.