Економија Негативни оценки во ревизијата на работењето на Агенцијата за странски инвестиции во...

Негативни оценки во ревизијата на работењето на Агенцијата за странски инвестиции во 2017

Многу проблеми со оценувањето на работата и резултатите на економските промотори во 2017 година констатирал Државниот завод за ревизија, кој ја објави ревизијата на регуларност на финансиските извештаи на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот за 2017, заедно со ревизија на усогласеност.

Оценката за работењето на државната агенција е негативно. Така, ревизорите дале неповолно мислење во поглед на  вистинито и објективно прикажување на финасиските трансакции, а истата оценка се дава и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.

Големи проблеми се констатирани и во поглед на економските промотори, односно отсуствувало целосно уредување и прецизирање на прашањата поврзани со нивната работа, а притоа не се почитувал ни правилникот за нивната работа во странство и за нивните плати и надоместоци, а исто така не се следела и оценувала нивната работа. Проблематично било и исплаќањето аванси за материјални трошоци на економските промотори.

Државните ревизори утврдиле дека во Агенцијата за странски инвестиции не е воспоставен систем за внатрешни контроли на безготовинското и готовинското плаќање. Исто така, утврдиле дека немало пристап во CRM-ASIPIRM системот кој се користел во претходните години за обезбедување податоци и информации за приливот на странски директни инвестиции. Како забелешка е и тоа што не се обезбедени целосни податоци за стратешко планирање и отчетност. Дополнително, бил избран заменик-претседател на Управен одбор и му се исплаќал надомест, иако таа функција не била предвидена во законската и подзаконската регулатива.

Ревизорите констатирале и дека новите членови на Управниот одбор се избирале недоследно.

Проблеми имало во поглед на исплатата на државната помош – не била обезбедена соодветна документација, не се ставале во архива актите со кои се исплаќала државната помош, а внатрешниот ревизор не бил вклучен во ова работење.

Исто така, во врска со државната помош имало неусогласеност на Правилникот за контрола со Статутот, а таа се издавала и на основа на непотпишани документи.