Македонија Не работат картичките од сите банки, пари можат да се подигнат само...

Не работат картичките од сите банки, пари можат да се подигнат само од експозитури

Засега единствен начин да се подигнат средства во готовина е директно од шалтерите во банкарските експозитури и филијали

Фото: Мета.мк

Веќе неколку часа не функционираат банкарските картички во земјава, со што граѓаните се оневозможени да вадат пари од банкоматите или да плаќаат преку ПОС терминалите во земјава. Граѓаните не можат да подигнат готовина од банкоматите од речиси ниту една банка, а не поминуваат ниту трансакциите преку уредите поставени кај трговците.

Во моментов единствено возможно е да се подигне готовина директно од шалтерите на банките.

Дека дел од услугите на македонските банки поврзани со картичните брендови VISA и MasterCard се недостапни, информираше и Македонската банкарска асоцијација.

Оттаму велат дека членките на асоцијацијата се во интензивна комуникација со нив и досегашните анализи покажале дека причината за проблемот не е поврзана со националните телеком оператори, туку со поединечните системи на банките.

Мета.мк попладнево се јави во контакт-центрите на две македонски банки. Од корисничката поддршка на банките потврдија дека банкоматите не функционираат и советуваа, доколку граѓаните имаат итна потреба од готовина, да појдат до најблиската експозитура.

И од двете банки ни изјавија дека станува збор за глобален проблем со конекцијата и серверите на картичните брендови.

Од Народната банка на РСМ исто така изјавија дека привремената недостапност на дел од услугите со платежни картички е поврзана со самите системи на картичните брендови Виза и Мастеркард, а до нивното надминување, клиентите можат непречено да ги користат потребните банкарски услуги во експозитурите и филијалите на банките.

„Народната банка континуирано ја следи ситуацијата и е во постојана комуникација со релевантните институции и деловните банки за побрзо надминување на пречките за непречено функционирање на сервисите. Напоменуваме дека паричните средства на граѓаните на сметките на банките се безбедни и достапни во секој момент“, велат од НБРСМ.