Македонија НБРМ: На возрасните граѓани да им се даде предност во банките од...

НБРМ: На возрасните граѓани да им се даде предност во банките од 10 до 12 часот

Фото: Мета.мк

Филијалите и експозитурите на банките да се посетуваат само кога тоа е неопходно и неодложно, апелираат од Народна банка.

„Од утре, во терминот од 10 до 12 часот, кога е дозволено движење на лицата над 67 години, граѓаните кои што се во други возрасни групи да се воздржат од посета на филијалите и експозитурите. Во овој термин да се даде приоритет на повозрасните граѓани коишто имаат неопходна потреба од банкарски услуги, тоа да го сторат навремено и без да се загрози нивното здравје. Граѓаните ко ишто се во други возрасни групи, доколку имаат неодложна потреба од посета на банките, тоа да го сторат пред 10 или по 12 часот,“ велат од Народна банка.

Од таму порачуваат да се настојува што повеќе да се користат услугите за електронско и мобилно банкарство.

„Доколку имате неопходност од посета на филијалите и експозитурите на банките, замолуваме да се почитуваат препораките за соодветна раздалеченост и за самозаштита. Да се почитуваат насоките дадени со цел преку чекањето пред филијалите и експозитурите да не се загрози здравјето.Секаде каде што е можно, при плаќање да се користат платежните картички,“ додаваат од Народна банка.

Од Народна банка велат дека работат на изнаоѓање на системско решение кое што ќе биде спроведено за организирање на работата на банките при следните исплати на пензии и на социјална помош.

„Граѓаните кои што се корисници на пензија и на социјална помош, пред следните исплати, навремено ќе бидат известени на организацијата на работата на банките. Апелираме во текот на претстојниот период, сите граѓани да се придржуваат до препораките за соодветно користење на банкарските услуги без да се загрози јавното здравје,“ се додава во соопштението.