Економија Наумов: Министерството за правда да одговори дали издало мислење за еврообврзницата

Наумов: Министерството за правда да одговори дали издало мислење за еврообврзницата

Никола Груевски и соработниците противзаконски ја издадоа еврообврзницата и за ова огромно незаконско задолжување на граѓаните од 450 милиони евра најавуваме дека ќе има одговорност, изјави денеска претседателот на комисијата за финансии на СДСМ, Кире Наумов, на прес-конференција.

Според него, јасна е намерата на Груевски да врши корупција во предизборниот период. Наумов дека СДСМ ќе ги искористи сите механизми за да спречи непродуктивни трошења со кои власта ги задолжи граѓаните.

– Укажуваме дека министерот за правда не смее да се крие и мора јавно да излезе и да одговори дали Министерството за правда има издадено правно мислење за правната важност за издавањето на оваа еврообврзница. Министерството за финансии тврди дека има. Доколку и денеска министерот за правда не излезе да ги расчисти дилемите, сметаме дека тој и неговата партија ДУИ се исто така соучесници во финансиското злосторство што го направи ВМРО-ДПМНЕ по налог на Никола Груевски – додаде Наумов.

Тој истакна дека граѓаните треба да знаат дека сè до денеска во ставката депозити во ребаланост на буџетот не било планирано да се пренесат средства во 2017 година.

– Според нашите информации, денеска со нова манипулација се обидуваат да направат дополнување на ребалансот, што говори на што сè е подготвена оваа власт кога се пари во прашање. На идните генерации оваа неодговорна криминално-корупциска власт им натовари нов долг од 450 милиони евра и плус камати. Новото задолжување ќе ги чини граѓаните вкупно 627 милиони евра – додаде Наумов.

Тој истакна дека со вчерашното задолжување, власта јавниот долг го зголеми за повеќе од 3 милијарди евра и од вчера долгот е на ново историско ниво од речиси 5 милијарди евра или повеќе од 50 проценти од домашниот бруто-производ (БДП).