Дописници Наскоро ќе почне изградбата на новата трибина на градскиот стадион во Охрид

Наскоро ќе почне изградбата на новата трибина на градскиот стадион во Охрид

Привршуваат подготвителните активности за почеток на изградбата на новата трибина на фудбалскиот стадион во Охрид, велат од јавното претпријатие „Билјанини извори“. Трибината со капацитет од 1.480 седишта треба да биде изградена во согласност со највисоките стандарди на УЕФА и ФИФА, а проектот ќе се реализира во соработка меѓу Општина Охрид и Фудбалската федерација на Македонија.

– Ќе добиеме една модерна трибина со модерни соблекувални и со тоа ќе можеме да бидиме домаќини на поголеми меѓународни натпревари како на фудбалската репрезентација на Македонија така и на други екипи кои сакаат да дојдат во Охрид на натпревар или на подготовки – вели Гордана Јованоска, директорка на ЈП „Билјанини извори“.

Трибината согласно договорот и согласно проектот усвоен од ФФМ ќе се гради од спротивната страна на сегашната монтажна трибина, на место каде досега се наоѓаа отворените асфалтни кошаркарски терени. Вакво современо инфраструктурно засилување на објектот, во голема мерка ќе ја прошири неговата намена, вели директорката Јовановска.

– Последниве години фирми од странство имаат претставништва во Македонија и сакаат да дојдат во Охрид и да ги искористат нашите спортски терени, да се забавуваат во Охрид и да го искористат она што го имаме – вели Јованоска.

Во проектот ќе бидат вложени еден милион евра. Покрај за фудбалските фанови, на идната трибина на градскиот стадион во Охрид ќе има простор за коментатори, простор за камери и ВИП – седишта.