Свет Балкан Насилни судири во бегалски камп на Хиос

Насилни судири во бегалски камп на Хиос

Насилни судири се случуваа ноќеска во бегалскиот камп Суда на островот Хиос во Грција. Според локалната информативна веб-страница „Политис Хиос“, група бегалци од Авганистан и од Алжир вчера вечерта се судриле физички, создавајќи нов хаос и немири за сите бегалци и мигранти во Суда.

Инцидентите почнале кога група бегалци од Авганистан од друг камп на Хиос влегле во Суда и почнале да напаѓаат бегалци од Алжир. Во судирите се напаѓале со дрва и со камења, создавајќи огромен инцидент во кампот, кој почнал да заличува на воено поле.

Инцидентите траеле околу половина час, а судирите се смириле по интервенција од грчката полиција. Во инцидентите се повредени жена и дете, а приведени биле три лица што учествувале во судирите.

Нетолеранцијата на бегалците по етничка основа често е причина за судири и за инциденти во бегалските кампови.

На островот Хиос има околу 4.000 бегалци, а вкупно на грчките острови има повеќе од 14.000 бегалци. Последниве денови се забележува зголемување на бројот на бегалците на островите. Според информациите од грчката влада, до утрово на островите пристигнале 118 нови лица.