Ctrl - Z НАСА одбројува до лансирањето на џиновската ракета кон Месечината (видео)

НАСА одбројува до лансирањето на џиновската ракета кон Месечината (видео)

фото: НАСА (nasa.gov)

Американската вселенска агенција НАСА одбројува до лансирањето на новата џиновска ракета која ќе се упати кон Месечината – наречена Систем за вселенско лансирање (СВЛ). Ова е најмоќното летало развиено од НАСА досега и ќе биде основата за проектот „Артемида“ кој има за цел да ги врати луѓето на површината на Месечината по повеќе од 50 години, јави „Би-би-си“.

Оваа мисија на Месечината ќе постави основа за летови до Марс во 2040-тите години. Ракетата е предвидено да полета од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида, САД во 14 часот и 33 минути по локално македонско време. Нејзина задача ќе биде да ја движи тест-капсулата, наречена Орион, далеку од Земјата. Вселенското летало ќе врти околу Месечината пред да се врати назад на Земјата и да падне во Тихиот Океан за шест недели отсега. Летот ќе трае вкупно 42 дена, 3 часа и 20 минути.

Над 200.000 луѓе се очекува да бидат присутни на плажите околу центарот „Кенеди“ да го проследат лансирањето.

Леталото нема екипаж за оваа демонстрација, но под претпоставка дека целиот хардвер ќе работи како што треба, астронаутите ќе се качат на леталото за идната серија уште покомплексни мисии кои ќе започнат во 2024 година.

Оваа прва мисија, практично, треба да ги утврди можностите на Орион и на СВЛ ракетата, тестирајќи ја нивната способност безбедно да орбитираат околу Месечината и да се вратат на земјата.

„Сѐ што правиме со овој лет на Артемида 1 е гледање низ објективот на тоа што можеме да докажеме и што можеме да покажеме што ќе го намали ризикот за мисијата со екипаж на Артемида 2“, изјави астронаутот на НАСА, Ренди Бресник.

Како што пишува „Би-би-си“, во 1969 година, кога Нил Армстронг и Баз Олдрин ги направија првите мали чекори на Месечината, тие започнаа златна ера на истражување на вселената, а програмата Аполо го трансформираше начинот на кој ја гледаме нашата планета и себеси. Сега, педесет години подоцна, Месечината повторно е во нишанот на човештвото, а мисијата Артемида треба да инспирира нова генерација истражувања.

Новите мисии ќе бидат различни. НАСА планира да ја спушти првата жена и првата обоена личност на Месечината – покажувајќи дека истражувањето на вселената е отворено за секого.