Свет Балкан Нападната амбасадата на Израел во Атина

Нападната амбасадата на Израел во Атина

Израелската амбасада во Атина беше мета на вооружен напад рано изутринава. Зградата на амбасадата во атинската населба Нео Психико била нападната околу 3 часот наутро, со оружје од типот „калашников“. Околу зградата се најдени 54 истрелани куршуми. Во нападот нема повредени и причинета е само голема материјална штета на фасадата на амбасадата.

Полицијата го води случајот како терористички напад, а истрагата ја води специјалната антитерористичка единица. Се испитуваат снимките од безбедносните камери и целата околина околу амбасадата за да се лоцираат движењата на напаѓачите. Првичните претпоставки се дека се работи за двајца напаѓачи кои застанале пред амбасадата со мотор, но имале и поддршка од други двајца.

Полицијата стравува дека се работи за повторување на сценарио на напад од минатата година. Пред една година, на 30 декември, на сличен начин беше нападната и резиденцијата на германскиот амбасадор, односно зградата беше мета на вооружен напад од „калашников“. Одговорноста за нападот тогаш ја презеде терористичката единица Група на народните борци, која претходно го имаше нападнато и седиштето на Нова демократија.