Македонија Наодите од проектот „ACTION SEE“ дел од истражувањето „Отвореност на судството“

Наодите од проектот „ACTION SEE“ дел од истражувањето „Отвореност на судството“

Денеска беше промовирана правната анализа на тема „Отвореност на судството во Република Северна Македонија“, на Центарот за правни истражувања и анализи, во соработка со иницијативата за Отворено владино партнерство, во рамки на програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија”, финансирана од Британската амбасада Скопје.

Целта на анализата е да изврши проценка на отвореноста на судството и нуди првични наоди и препораки за конструирање на политики за отворено судство.

„Ако ја гледаме историјата на транспарентноста на судството и јавното обвинителство за жал, за нејзината нефункционалност дознавме од скандалот со бомбите, по што секакви епитети му беа придадени на судството. Сепак ова беше поттик за конкретни реформски активности и нивна имплементација. Останува само уште Законот за јавно обвинителство“, рече министерката за правда, Рената Дескоска.

Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, рече дека за време на нејзината работа се труди колку што е можно повеќе да разговара со граѓанскиот сектор и граѓаните, со посебен фокус на локално ниво.

„Еден од најчестите одговори за најургентно прашање, проблем или предизвик е владеење на правото. Се согласувам, но во исто време ова е и најболното и најтешкото прашање да се адресира. Покрај другото си бара промена и на свеста. Транспарентноста ја гради свеста, а таа понатаму предизвикува притисок кој доведува до превземање на поголема одговорност. Се наоѓаме на многу подалечна точка од појдовната пред пет години“, додаде Галовеј.

Според судијата Фаик Арслани, в.д претседател на Врховниот суд, општото мислење е дека судството е недоволно отворено, но тоа исто така и неосновано се напаѓа.

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, рече дека забелешките на Прибе биле сериозно сфатени и биле вметнати во Стратегијата која трае до 2022 година. Тој го посочи и донесувањето на законот за Судски совет.

Во анализата „Отвореност на судството во Република Северна Македонија“ од м-р Константин Битраков, истражувач во МАНУ се користат наодите од истражувањето на Фондацијата „Метаморфозис“ и проектот „ACTION SEE“, кој има за цел да се покрене свеста за корупцијата, транспарентноста, владеењето на правото и доброто управување.