Свет Балкан Најмалку 40 загинати и 754 уапсени во обидот за државен удар во...

Најмалку 40 загинати и 754 уапсени во обидот за државен удар во Турција

По цела ноќ на експлозии, пукањe и тенкови низ улиците, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска рано наутро објави дека обидот за воен удар е готов и дека владата ја има контролата.

Сепак, во Анкара и во Истанбул владее хаос и сè уште се слушаат звуци на пукање и експлозии по обидот на дел од припадниците на турската војската да ја преземат контролата на државата од претседателот Ердоган. Светските медиуми јавуваат дека бомба ја погодила и зградата на парламентот.

Најмалку 42 лица загинаа, а 1.000 лица се повредени во целата земја, соопшти канцеларијата на државниот јавен обвинител.

Владините медиуми во Турција јавуваат дека уапсени се 754 луѓе низ целата земја.

„Си-ен-ен“ објави видеоснимка на која се гледа како припадницте на војската се предеваат на мостот на Босфор во Истанбул.

Ердоган претходно ги повика граѓаните на Турција да излезат и да се спротивстават на војската, при што дојде до судири во Истанбул и во Анкара.

Војската претходно објави соопштение во кое беше наведено дека ја презела контролата над Турција за да го заштити демократскиот поредок и да ги сочува човековите права. Припадници на војската ги блокираа мостот на Босфорот во Истанбул, како и мостот Фатих Султан Мехмет, а притоа пукаше и на полицијата.