Свет Најмалку 200 работници киднапирани од ИД во Сирија

Најмалку 200 работници киднапирани од ИД во Сирија

Најмалку 200 работници се водат како исчезнати по напад на фабрика за цемент во близина на главниот град на Сирија, Дамаск, јавуваат светските медиуми.

Засега нема точни информации што точно се случило со луѓето, колкав е нивниот број и кој го извршил нападот.

Според информациите, работниците биле земени од домот каде биле сместени, а кој се наоѓа на периферијата на гратчето Думеир, во близина на Дамаск.

Семејствата на исчезнатите работници од понеделникот, кога се случил нападот, немаат никаков контакт со своите блиски.

Сириската државна телевизија, повикувајќи се на неименуван извор од министерството за индустрија, објавила дека 300 работници се киднапирани од фабриката од милитанти на Исламска држава (ИД).

Управителот на фабриката претходно изјавил дека се работи за околу 250 лица, додека извори од бунтовничките групи соопштиле дека не станува збор за повеќе од 200 луѓе.

Како што пренесува „Би-би-си“, изминативе денови биле забележани жестоки борби меѓу сириските владини сили и припадници на ИД во околината на Думеир.