Свет Најмалку 13 убиени во напад на пазар во индиската држава Асам

Најмалку 13 убиени во напад на пазар во индиската држава Асам

Најмалку 13 луѓе се убиени, откако вооружена група отворила оган на пазар во индиската североисточна држава Асам, јавуваат светските медиуми.

Локалната полиција за нападот ги обвини припадниците на бунтовничката група Национален демократски фронт на Бодоланд, фракција која се бори за формирање на посебна држава на етничката група Бодо, независно од Асам.

Според информациите, еден од напаѓачите бил убиен во борбите со безбедносните сили во областа Кокрајхар.

Шефот на полицијата на Асам за „Би-би-си“ изјавил дека нападот се случил на пазарот во Балаџан, кој се наоѓа на периферијата на Кокрајхар и додал дека во него, покрај убиени, имало и повеќемина ранети цивили.

Бунтовничката група Националниот демократски фронт на Бодоланд, која е забранета во државата, е една од многуте племенски организирани фракции во зафрлениот североисточен дел на Индија.

Иако областа ужива извесна автономија во рамките на државата, Бодоланд бара да и биде дадена целосна независност.