Видео Најголемата брана во САД пред пукање, итно ќе се евакуираат 180.000 лица

Најголемата брана во САД пред пукање, итно ќе се евакуираат 180.000 лица

Наредена е итна евакуација на најмалку 180.000 лица кои живеат во близина на најголемата брана во САД, кај градот Оровил во Северна Калифорнија поради пукнатини на браната.

Надлежните соопштија дека браната би можела да попушти поради пукнатини кои се отвориле од силниот притисок на водата која надошла по поројните дождови.

– Наредена е итна евакуација на подрачјето околу браната – соопшти локалниот шериф преку социјалните мрежи, истакнувајќи дека не станува збор за вежба.

Калифорнискиот Завод за водени ресурси објави на „Твитер“ дека се предвидува дека браната ќе попушти во следните неколку часа.

Инженерите уште во четвртокот почнаа да испуштаат вода од акумулациското езеро, кога забележале дека недостига големо парче бетон.

Гувернерот на Калифорнија, Џери Браун поради поплавите и свлечиштата, побара од Сојузните служби за вонредна состојба да прогласат елементарна непогода.

Браната кај Оровил е висока 230 метри, а градена е од 1962 до 1968 година и е највисока брана во САД.

Пред неколку дена на браната „Оровил“ се појави огромна дупка од околу 80 метри, широка педесетина, а длабока нешто помалку од 10 метри, која и понатаму се шири. Надлежните тогаш тврдеа дека нема опасност за граѓаните кои живеат во близина на браната.