Главна секција Најави за долга преговарачка ноќ во Брисел

Најави за долга преговарачка ноќ во Брисел

Иако имаше куса надеж дека преговорите се ближат кон крајот, повторно не се соопштува никаква информација во зградата на Европската комисија во Брисел каде на 11.  кат се одвиваат преговорите помеѓу четворицата политички лидери, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Неофицијалната проценка е дека средбата би можела да трае до доцна, а еврокомесарот Јоханес Хан ја откажа посетата на Босна и Херцеговина, каде требаше да отпатува вечерва.

Официјалното соопштение на сајтот на Хан вели дека посетата е откажана поради ситуацијата во Босна, а не поради преговорите со македонските лидери. Во секој случај, ваквата ситуација им остава повеќе време за преговори.

Дипломатски извори велат дека разговорите се интензивни и дека немало време ниту за ручек. Останува да се види дали ќе има заедничка вечера.

Ахмети, Заев, Груевски и Тачи преговараат со еврокомесарот Јоханес Хан за излез од политичкта криза во која се наоѓа државата повеќе од една година, а се заостри со објавувањето на „бомбите“, односно снимките од прослушуваните разговори.

Т.М.