Македонија Најавен протест против измените на законот за хонорари

Најавен протест против измените на законот за хонорари

На социјалните мрежи се организира протест против измени во законот  за плаќање придонеси за хонорарите.

Протестот е закажан за следниот понеделник на 22 декември, а ќе почне пред зградата на Собранието, по што ќе продолжи до Министерството за труд и социјална политика и до Владата.

На социјалните мрежи е поставена објава „Повелба за солидарност на синдикатите и задруженијата за заштита на работничките права“, чии потписници се Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Левичарското движење „Солидарност“, Движењето за социјална правда „Ленка“, како и други здруженија на граѓани и поединци.

Во повелбата тие бараат од Владата да ја запре примената на измените на законите со кои се воведува плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, за да се отвори простор за нивна измена и повлекување, потоа преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнато вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување, како и да се укине највисоката месечна основица за пресметување и за уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.

Во повелбата, меѓу другото, стои и дека нејзините потписници не се против да се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување за лицата кои се доведени до ситуација со години да не можат да остварат права од пензиско и здравствено осигурување, иако вршат работа, но сметаат дека законските измени, кои треба да стапат на сила на 1 јануари 2015 година, само ќе ја отворат Пандорината кутија на дополнително намалување на правата на работниците.