Подглавна секција Над 50 медиумски работници повредени на анти-ЛГБТИ протест во Грузија, се бара...

Над 50 медиумски работници повредени на анти-ЛГБТИ протест во Грузија, се бара истрага за насилството

Извор: Принтскрин од видео

На анти-ЛГБТИ протестот што се одржа вчера во грузискиот главен град Тбилиси се повредени над 50 медиумски работници, јавуваат светските агенции. Протестот се одржа против планираниот марш на гордоста во Тбилиси, при што учесниците на анти-ЛГБТИ извршиле 107 напади врз 54 новинари, фоторепортери и сниматели на медиумите.

Веднаш по ваквиот напад, организаторите на маршот на гордоста Тбилиси Прајд го откажаа настанот за поддршка на ЛГБТИ заедницата, обвинувајќи ги грузиските власти дека не обезбедиле соодветна гаранција за безбедноста.

Фондацијата „Правда за новинарите“ ги повика грузиските власти веднаш да спроведат целосна и независна истрага за нападите на медиумските работници, во кои повеќето од нив завршија со сериозни повреди во болница. На дел од медиумските работници им се извршени операции, додека некои од нив добија фрактури по нападите од радикалните учесници на анти-ЛГБТИ протестот.

Од Фондацијата додаваат дека повеќето од нападите врз медиумските работници биле извршени во присуство на свештени лица од Грузиската православна црква и полициски службеници, кои не интервенирале за да ги спречат нападите врз новинарите, фоторепортерите и снимателите. Исто така, напаѓачите извршиле и уништување на медиумската опрема за време на протестот, а регистрирани се и сајбер-напади на дел од грузиските портали.

На веб-страницата на Фондацијата „Правда за новинарите“ е објавен целосниот список на сите повредени медиумски работници на вчерашниот настан.