Свет Европа Над 15 убиени во пукањето на Карловиот универзитет во Прага

Над 15 убиени во пукањето на Карловиот универзитет во Прага

Нападот се случил во зградата на Факултетот за уметности што се наоѓа на плоштадот Јан Палах, нешто по 15 часот попладне

Извор на фотографија: Anthony DELANOIX on Unsplash

Полицијата го уби 24-годишното лице кое пукаше во зградата на Карловиот универзитет во Прага, при што уби најмалку 15 лица, а 24 се регистрирани како повредени, јавува Би-би-си. Престрелката се случила во центарот на Прага.

На интернет се појавија фотографии и видеа од лица како трчаат во стариот дел од Прага, кој вообичаено е преплавен со туристи. Нападот се случил во зградата на Факултетот за уметности што се наоѓа на плоштадот Јан Палах, нешто по 15 часот попладне.

Полицијата вечерва соопшти дека нападот го извршил 24-годишен студент на факултетот, кој живеел во село оддалечено 21 километар од Прага. Полицијата претходно го пронашла мртов и неговиот татко.

Мотивите за нападот засега не се познати. Во нападот не се повредени полицајци.

Универзитетски професори и студенти во изјава за Би-би-си велат дека слушнале истрели, по што во амфитеатрите каде што се држела настава наеднаш влегле полицајци. Дел од нив се забарикадирале во простории во самиот факултет за да се заштитат од напаѓачот.

Денешниот напад во Карловиот универзитет претставува најсмртоносен напад во поновата чешка историја. Премиерот Петр Фиала ги откажа сите предвидени активности веднаш по првичните информации за нападот.

Многу европски лидери вечерва изразија сочувство по извршениот напад во центарот на Прага, меѓу кои и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Сочувство до чешките граѓани упати и македонскиот претседател Стево Пендаровски.