Дописници Повеќе од 1.500 битолчани протестираа за чист воздух

Повеќе од 1.500 битолчани протестираа за чист воздух

Повеќе од 1.500 битолчани денеска, точно напладне, го почнаа вториот протест организиран од здружението „Битола сака чист воздух“, јави дописникот на „Мета“ од Битола.

Придружувана од тропотот на неколку барабани и од постојани свирежи, колоната се протегаше од платото кај некогашниот Офицерски дом, преку Широк сокак до зградата на Општината.

Со транспаренти на кои пишуваше „Воздухот е право, воздухот е живот“, „Има милум, а има и силум“ и „Парите се отепувачка“, на протестот излегоа граѓани од сите возрасти, вклучувајќи и деца и бремени жени.

– Бараме мерната станица во Битола да се поправи и да биде ставена во функција, да се подготви регистар на загадувачи и надлежнте инспекции да реагираат кога одредени субјекти загадуваат и го кршат законот. Се собравме вторпат затоа што досега локалната самоуправа не презеде ништо за подобрување на состојбата – изјави Горан Пинза, активист на здружението.

Претставници на здружението беа примени од градоначалникот Владимир Талески, кој нагласи дека Општина Битола ќе излезе во пресрет на сите барања што се во рамките на можностите, затоа што чистиот воздух е заеднички интерес.

Здружението веќе набави мобилна мерна станица, која ќе ја мери загаденоста во Битола во наредните 14 дена. Резултатите ќе бидат анализирани во лиценцирана лабораторија во Србија, а потоа ќе им бидат испратени на Општина Битола и на Министерството за животна средина.

А.Д.