Македонија Набавени нови 14 возила со пумпи за гасење пожари за општините

Набавени нови 14 возила со пумпи за гасење пожари за општините

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со вицепремиерот Артан Груби и министерката за одбрана, Славјанка Петровска присуствуваа на настанот „Цивилна заштита помеѓу институциите и граѓаните“ во организација на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). На настанот беше извршена церемонија на предавање на возила со пумпи за гасење на пожар на 14 општини и беа одржани показни вежби за активностите за помош и поддршка од доброволни противпожарни друштва, компании и Црвениот крст.

Ковачевски истакна дека една од примарните задачи на еден институционално уреден систем е да создаде и да уреди квалитетен и ефикасен систем за цивилна заштита, кој ќе опфати превенција, делување и санирање на последиците од природните непогоди и другите несреќи, со единствена цел, заштита на животот, здравјето, имотот на населението, како и националната економија.

„Зголемениот број на секојдневни непредвидени ситуации, несреќи од различен вид и природни и вештачки катастрофи, како и техничката сложеност за нивно отстранување, нѐ научија дека е потребно да создадеме и да развиваме заеднички и комплексен пристап на сите институции со цел донесување на брзи и ефикасни решенија“, рече Ковачевски.

Тој изрази почит кон припадниците на пожарникарските единици, кои го жртвуваат својот живот, за да спасат туѓи животи во разни непредвидени ситуации.