Македонија На судењето за Пендиков презентирани снимките од тепачката

На судењето за Пендиков презентирани снимките од тепачката

На денешното рочиште за нападот врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“ беа сослушувани сведоци, а се изведуваа и докази

Министрите за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков (лево) и на РСМ, Бујар Османи (десно) во посета на претепаниот Христијан Пендиков. Фото: Твитер-профил на МНР на РСМ, Бујар Османи https://twitter.com/Bujar_O

Во охридскиот суд денеска продолжи судењето за нападот врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“, здружение кое вчера беше избришано од Централниот регистар. На судењето Пендиков не се појави, а неговиот адвокат рече дека е на дополнителни здравствени прегледи.

На денешното рочиште беа сослушувани сведоци, а се изведуваа и докази. Во судницата беше прикажана и снимка од безбедносните камери од вечерта на 19 јануари, на која се гледа како две лица го удираат Пендиков, по што доаѓа уште едно лице кое не се вклучува во нападот.

Обвинителството останува на ставот дека во текот на судењето ќе успее да докаже дека Пендиков бил претепан од обвинетиот Илија Спасески и негов пријател поради тоа што се чувствувал како Бугарин.

Од одбраната пак, го предложија таткото на обвинетиот Спасески како дополнителен сведок, за да се докаже дека семејството нема омраза кон ниту една нација, нагласувајќи дека за време на трагичната бродска несреќа со бугарски туристи, токму таткото на обвинетиот помагал за спасување, по што од бугарската Влада добил благодарница и орден.

Откако беше претепан во јануари годинава, бугарските власти на Пендиков му организираа лекување во Софија и го транспортираа со владин авион.

Обвинителството поднесе обвинение против Спасески, а уште едно лице кое наводно учествало во тепачката и друго лице кое било сведок, не се достапани за органите на прогонот.

Следното рочиште е закажано за 31 мај.