Свет На Хаваи целосно забранета употребата на пластични кеси

На Хаваи целосно забранета употребата на пластични кеси

Во американската сојузна држава Хаваи, од вчера стапи на сила одлуката со која целосно се забранува диструбицијата и употребата на пластични кеси во продавниците, јавуваат американските медиуми.

Властите на градот и на областа Хонолулу, која во целост го покрива Оаху, најнаселениот остров на Хаваи, донеле одлука со која им се забранува на продавниците да им даваат пластични кеси на своите клиенти.

Хаваи е првата сојузна држава на САД што целосно ја забрани употребата на пластични кеси.

Калифорнија пред извесно време донесе закон со кој се бара продавниците да наплаќаат за кесите, но мерката е ставена во мирување до референдумот закажан за ноември оваа година, на кој граѓаните треба да се изјаснат за ова прашање, пишува „Хафингтон пост“.

За разлика од Калифорнија, каде мерката е донесена од државното законодавство, во Хаваи таа била спроведена на локално ниво.

„Ова не се прави од страна на државното законодавство, туку од сите четири окружни совети“, изјавиле од Фондацијата „Сурфрајдер“ и адвокатска група за животна средина во 2012 година, кога забраната за употреба на пластични кеси првпат била донесена.

Од групата, мерката ја дефинирале како „одличен пример за тоа како локaлните активисти и донесувачите на одлуки можат заеднички да придонесат во решавањето на проблемот со загадувањето со пластичен отпад“.