Свет Европа На 23 и 24 јуни состанок на иницијативата за напуштање на употребата...

На 23 и 24 јуни состанок на иницијативата за напуштање на употребата на јагленот во Западен Балкан и во Украина

РЕК Битола | Фото: ЕСМ

„Иницијативата за регионите со јаглен кои се во транзиција во Западен Балкан и во Украина“ на Европската комисија, најавува дека на 23 и 24 јуни годинава ќе одржи онлајн годишен состанок, со цел да се поддржи отворен и повеќестран дијалог за постепено напуштање на употребата на јагленот и за правична транзиција кон одржливи извори на енергија во: Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Украина.

„Намерата на Иницијативата е заеднички да се истражат патеките за правична транзиција на регионите со јаглен во Западен Балкан и во Украина и да се постигне остварувањето на целите од Зелениот договор. Иницијативата е во контекст на посветеноста на ЕУ за справување со климатските промени, за да помогне во остварувањето на целите на Парискиот договор, како и заради заемна размена со соседните земји и амбицијата за прва јаглерод-неутрална економија до 2050“, стои во соопштението на Иницијативата.

„Ќе се поддржат регионите со јаглен кои се стремат да спроведат праведна транзиција кон одржливи извори на енергија. Земјите што се наоѓаат во фокусот се Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Украина. Со првичниот скрининг се идентификувани 17 региони со значителни јагленокопни активности и термоцентрали на јаглен, но и другите региони со јагленокопни активности јаглен се, исто така, добредојдени да ѝ се приклучат на Иницијативата“, стои во нејзиното соопштение.

Се додава дека меѓу предвидените групи се надлежните државни органи, учесниците од енергетскиот сектор, НВО, истражувачите, деловниот сектор, медиумите, меѓународните организации, политичките партии, младинските организации и други.

Иницијативата ќе спроведе програма за размена на информации меѓу јагленовите региони, а регионите-учесници од Западен Балкан, Украина и од ЕУ ќе изградат врски, ќе разменат искуства, знаења и најдобри практики за прашања поврзани со транзицијата. Преку Академијата за учење во регионите со јаглен, ќе се понудат наменски обуки за управување, ангажирање на заедницата, рехабилитација на животната средина и пренамена на земјиштето и имотите. На избраните пилот-региони ќе им се даде техничка помош во форма на експертска поддршка за да изработат планови за енергетска транзиција. Преку Иницијативата, ќе им се помогне на јагленовите региони да пристапат до финансиски средства за проекти или програми за транзиција од најразлични достапни извори од ЕК, Светската банка, ЕБОР и ЕИБ.

Иницијативата ја предводи Европската комисија, во соработка со: Светската банка, Секретаријатот на Енергетската заедница, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка (ЕИБ), полската Национална фондација за заштита на животната средина и управување со водите (НФОСиГВ) и Колеџот на Европа во Натолин.