Македонија МЗ: Д-р Божидар Бошковски ќе биде новиот гинеколог во Шуто Оризари

МЗ: Д-р Божидар Бошковски ќе биде новиот гинеколог во Шуто Оризари

Д-р Божидар Бошковски на средба со министерот Венко Филипче / Фото: Министерство за здравство

Докторот Божидар Бошковски ќе биде новиот гинеколог во Општина Шуто Оризари, информираат од Министерството за здравство. Оттаму додаваат дека на вчерашната средба, министерот за здравство, Венко Филипче и гинекологот д-р Божидар Бошковски дискутирале околу отворањето на ординацијата, со цел жените од оваа општина да ја имаат потребната и неопходна здравствена услуга.

„Локацијата за ординацијата е најдена, а на средбата беше договорено ресорното министерство да ја опреми ординацијата. Сите жени од Шуто Оризари сега ќе имаат гинеколог, кој ќе се грижи за нивното здравје. Д-р Бошковски е искусен гинеколог кој ќе им биде на располагање на сите пациентки од оваа општина“, потенцира министерот Филипче.

Како што вели тој, проблемот со недостигот на гинеколог во Шуто Оризари е решен, а најважно е тоа што пациентките ќе можат навремено да ги извршуваат своите гинеколошки прегледи.

Граѓаните од општината, но и невладиниот сектор долго време апелира за недостигот на гинеколог во Шуто Оризари. Неодамна, Иницијативата на жените на Шуто Оризари реагираше за немањето на матичен гинеколог во Шуто Оризари, како и за квалитетот на репродуктивното здравје на Ромките од Шуто Оризари. Нивната реакција доаѓа по последниот случај со починатата родилка и нејзиното бебе на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.