Хроника МВР запленило 12 килограми марихуана во три одвоени случаи

МВР запленило 12 килограми марихуана во три одвоени случаи

Министерството за внатрешни работи (МВР) во три одделни случаи запленило вкупно 12 килограми марихуана и поднело кривични пријави против осум лица, кои се товарат за неовластено производство и за пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Како што соопштуваат од МВР, заплените биле извршени во рамките на акцијата „Мрежа“, насочена кон сузбивање на трговијата со дрога.

Според МВР, во еден од случаите, кој бил реализиран завчера, полициски екипи заплениле вкупно шест килограми марихуана, сокриена во автомобил, марка „фолксваген фејтон“, во кој се превезувале две лица на возрараст од 27 години од скопското село Студеничани.

Во вториот случај, полицијата запленила околу три килограми марихуана и уапсила три лица, од Скопје и од селото Кондово, а по двајца сè уште се трага.

На 24 септември, пак, полициска екипа при рутинска контрола на патот Прилеп – Скопје, во автомобил со бугарски регистарски ознаки, кој бил управуван од 37-годишен жител на селото Чифлик, во предниот дел од хаубата на возилото биле пронајдени три пакувања со марихуана, со вкупна маса од околу 2,9 килограми.