Македонија МВР ги идентификувало лицата што го отвориле главниот влез на Собранието

МВР ги идентификувало лицата што го отвориле главниот влез на Собранието

Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје доставил три нови известувања за неколку лица во врска со истрагата за насилствата во Собранието на Република Македонија од минатиот четврток.

Известувањата биле пратени откако по прегледот на видеоматеријалите од безбедносните камери на Собранието биле идентификувани лица кои учествувале во отстранувањето на блокадата на вратата од главниот влез на законодавниот дом, од внатрешната страна, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Во неделата, СВР Скопје поднесе кривична пријава против вкупно 15 лица, кои се товарат за кривичните дела учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство и учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

Претходно ОЈО Скопје побарало распишување на централна потерница за приведување на сите 15 осомничени.

„На 30 април 2017 г. од слобода беа лишени осум лица, кои беа изведени пред судија на претходна постапка, кој за петмина од нив изрече мерка притвор од осум дена, за едно лице – мерка домашен притвор, а за две лица – мерка претпазливост.

Од МВР додаваат дека СВР Скопје во координација со ОЈО Скопје продолжува интензивно да работи на понатамошна идентификација на лица кои биле учесници во насилствата од 27 април.