Македонија МТСП: Работниците на Коридорите 8 и 10д ќе потпишуваат изјава ако сакаат...

МТСП: Работниците на Коридорите 8 и 10д ќе потпишуваат изјава ако сакаат да работат прекувремено

Работниците кои ќе бидат ангажирани на овој проект, а согласно потребите во градежништвото извршуваат прекувремена работа, секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и колективниот договор, велат од Министерството за труд

Фото: Image by Ada K from Pixabay

Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено, а доколку не сака, нема да биде принуден со сила, велат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), а во врска со ангажманот на работна сила за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д.

„Согласно законот, работниците ќе имаат и слободен ден. Законите постојат за да ги штитат граѓаните. Работниците кои ќе бидат ангажирани на овој проект, а согласно потребите во градежништвото извршуваат прекувремена работа, секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и колективниот договор“, велат од Министерството за труд.

Оттаму потенцираат дека прекувремената работа не значи 60 часа неделно и не значи дека во текот на целата година ќе има прекувремена работа, бидејќи тоа ќе зависи од временските услови за работа на терен.

„Поинтензивно ќе се работи во месеците на пролет, лето и средина на есен, но не 60 часа неделно. Истовремено, прекувремената работа ќе зависи и од активностите и процесите на работа на трасите, што значи, дека ќе има и денови кога воопшто нема ниту да има потреба од прекувремена работа“, стои во соопштението.

Од МТСП тврдат дека изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д е стратешки проект од национален интерес и ќе значи обезбедување нови работни места, бидејќи трасите каде што ќе се градат делниците отвораат дополнителни можност за изградба на нови објекти од различни дејности, како што се бензиски пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти.

„Ангажманот на работна сила за изградба на Коридорот 8 и Коридирот 10-д ќе се реализира согласно постоечкиот закон, односно, согласно Законот за утврдување јавен интерес, со кој се регулира ангажманот на работници и јасно стои обврската, стратешкиот партнер да користи најмалку 51% од локални ресурси. Ова значи, дека ако нашата земја има доволно локални ресурси, односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51%“, велат од МТСП.