На територијата на општина Демир Капија ниту се гради ниту, пак, ќе се гради бегалски камп или нешто слично, соопштија денеска од Министерството за труд и социјална политика, кое како дезинформации ги отфрли шпекулациите за наводна изградба на бегалски камп.
„Министерството за труд и социјална политика најодговорно потврдува дека се врши реконструкција на Специјалниот завод- Демир Капија, која се однесува на депандансот кој се наоѓа во атарот на село Ергеле. За оваа активност финансиер е Меѓународната организација за миграции, која единствено треба за потребите на Министерството за труд и социјална политика да изврши реконструкција на постојните објекти исто како што претходно за потребите на Министерството за здравство спроведе и реконструкција на болниците во Гевгелија и во Куманово“, стои во соопштението на МТСП.
Оттаму нагласуваат дека Специјалниот завод – Демир Капија е составен дел од мрежата на јавни установи чијашто единствена намена е сместување и заштита на лица од ранливи категории.
„Ова значи дека истиот е невозможно да дава друг тип на услуги освен тие за кои согласно со Законот за социјална заштита е формиран. Воедно уште еднаш би сакале да го нагласиме ставот на Република Македонија која се декларираше како транзитна земја за мигранти и во согласност со таквата политика во моментот на територија на Република Македонија има вкупно 25 лица во двата прифатни транзитни центри во Гевгелија и на Табановце и 11 лица баратели на азил сместени во Јавната установа Прифатен центар за баратели на азил во село Визбегово, Скопско“, велат од Министерството за труд и социјална политика.