Свет Европа Москва: „Ататурк“ се случи затоа што нè игнорираа

Москва: „Ататурк“ се случи затоа што нè игнорираа

Официјален Кремљ наведува дека неодамнешниот напад на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул се случил како последица на тоа што турските и европските служби го игнорирале предупредувањето на Москва.

– Во текот на изминатите години, руската страна ги информираше своите турски и европски колеги дека лицата за кои се сомнева дека се поврзани со тероризам, нашле засолниште како во Турција така и во некои европски земји. Во поголемиот дел од случаите на сигналите од руска страна не е посветено соодветно внимание. На наша жалост, нападот во Истанбул би можел да биде последица на тоа невнимание – изјави портпаролот на Кремељ, Димитриј Песков, на прес-конференција во Москва.

Тројца напаѓачи вооружени со огнено оружје и со појаси со експлозив на 28 јуни извршија терористички напад на истанбулскиот аеродром, при што беа убиени 45 лица, вклучувајќи и 19 странци.

Сè уште никој не ја презеде одговорноста за нападот, но турски официјални лица веруваат дека тоа е дело на Исламска држава.