Македонија МО: Шпекулација е наведената сума од 250 милиони евра за набавка на...

МО: Шпекулација е наведената сума од 250 милиони евра за набавка на оклопни возила

Модернизацијата на армијата за секоја држава е стратегиско прашање, кое не треба да се гледа од краткорочен аспект, се вели во реакцијата на Министерството за одбрана на денешната прес-конференција на Петре Шилегов од СДСМ.

Од Министерството велат дека во јавноста неосновано се пласираат информации за набавка на опрема, која е во насока на модернизација на армијата и посочуваат дека процесот на набавка на оклопни возила бил започнат уште во октомври 2014 година.

Оттаму, наведуваат дека сумата од 250 милиони евра, која што се споменува е за период од 12 години, заклучно со 2027 година и е наменета за транспортни средства, средства за индивидуална и колективна заштита, средства за вооружување (борбени и неборбени), логистичка и медицинска опрема, како и за ремонтот и модернизацијата на материјално – техничките средства, а не само за оклопни возила.

„Оваа информација досега неколку пати беше пласирана во јавноста, но вие очигледно не сте ја слушнале ниту пак виделе. Напоменуваме дека финалните понуди од произведувачите, кои потекнуваат од земји членки на НАТО сè уште не се пристигнати и затоа изнесените факти се чиста шпекулација. Понатаму, битно е да се истакне дека тоа се директни понуди од производителите, а не од трговци. Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија ќе продолжат со своите активности во насока на модернизирање на опремата и подигнување на стандардот на припадниците на АРМ“, велат од Министерството.