Македонија МНР: Тројца македонски државјани ја напуштија Газа

МНР: Тројца македонски државјани ја напуштија Газа

Таткото со две деца кои се македонски државјани вчера безбедно ја напуштиле Газа и во придружба на вршителот на работи во нашата Амбасада во Каиро, Елма Алторок биле упатени кон египетскиот главен град, а од таму кон Северна Македонија

Министерство за надворешни работи (МНР) / Фото: Мета.мк

Министерството за надворешни работи информира дека тројца македонски државјани на Република Северна Македонија вчера безбедно ја напуштиле Газа и се упатени кон египетскиот главен град, а за евакуација останува уште еден брачен пар што се наоѓа во Газа.

Таткото со две деца кои се македонски државјани вчера безбедно ја напуштиле Газа и во придружба на вршителот на работи во нашата Амбасада во Каиро, Елма Алторок биле упатени кон египетскиот главен град, а од таму кон Северна Македонија. Со нив, преку Рафах се евакуирала и мајката на децата, која има палестинска патна исправа.

„Во Газа има уште двајца наши граѓани, брачен пар, кои се исто така вклучени во официјалните листи за евакуација, но нивното напуштање на Газа зависи од околностите на терен, односно безбедносната проценка кој дел од Газа е најпогоден, а со тоа и потребата за итна евакуација на странските државјани“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Министерството за надворешни работи преку својата дипломатска мрежа во Каиро и Тел Авив останува во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел како и со нашите државјани до завршување на целосното евакуирање на нашите граѓани.