Македонија МНР реагира на некористењето на уставното име од страна на новата локална...

МНР реагира на некористењето на уставното име од страна на новата локална власт во Штип и Аеродром

Фото: Архива на Мета.мк

Министерството за надворешни работи (МНР) реагираше на некористењето на уставното име на земјава на конститутивните седници на Советите на општина Штип и општина Аеродром, односно при потпишувањето на свечената изјава од страна на новоизбраните советници.

Министерството укажува дека според законите за ратификација на Преспанскиот договор и за уставните измени од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија и сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот.

„Министерството за надворешни работи, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија“, порачува македонското МНР, истовремено повикувајќи ги надлежните институции, а особено Министерството за локална самоуправа, соодветно да реагираат согласно нивните надлежности.