Македонија МНР: Павлопулос да нè посети и да се запознае со постоењето на...

МНР: Павлопулос да нè посети и да се запознае со постоењето на македонскиот народ

„Секоја земја и нејзиниот народ имаат неприкосновено право на самоопределување и суверено да одлучуваат за своето именување и идентитет. Провокација и неприфаќање на реалноста е кога одредени политичари не можат да се соочат со тој факт. Истото е во спротивност на општоприфатените меѓународни принципи и на вредностите на европската интеграција“, се вели во реакцијата на МНР на изјавата на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Од МНР велат дека Република Македонија се залага за почитување на демократските начела и слободи за сите земји во нашиот регион во рамки на постојните граници и се спротивставува и го осудува секој облик на иредентизам.

– Република Македонија останува цврсто определена и посветена на градење на добрососедски односи и соработка и го очекува истото од своите соседи. Би ценеле претседателот Прокопис да ја посети Македонија и непосредно да се запознае со постоењето на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и идентитет, кои не претставуваат никаква опасност ниту закана за никого во регионот. Сè додека има тешкотија да се разбере дека живееме во 21 век и дека споделуваме универзално прифатени вредности и човекови права, кои подеднакво се однесуваат на секој човек, постои ризик да се остане заробен во минатото – велат од МНР.