Главна секција МНР предупреди да не се патува во Италија, „Виз ер“ ги откажа...

МНР предупреди да не се патува во Италија, „Виз ер“ ги откажа летовите

Министерството за надворешни работи издаде ново предупредување за патувањата во Италија, имајќи ја предвид новата состојба со корона вирусот таму. Според Агенцијата за цивилна заштита, во Италија досега починале 366 луѓе од Ковид-19 и има пораст на бројот на заразени од 25 проценти, од 5.883 на 7.375.

„Согласно информациите добиени од Генералниот конзулат на Македонија во Венеција, заради сериозноста на состојбата со Ковид-19 во земјата, препорачуваме нашите граѓани да не патуваат во следниве региони и провинции Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција.

Исто така препорачуваме да избегуваат непотребни патувања во останатите делови на Италија. За оние граѓани кои веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време, да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти. Повеќе информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk,“ се вели во соопштението на МНР.

Од таму информираа и дека нашиот Генерален конзулат во Венеција, следејќи ја праксата на другите европски дипломатско-конзуларни претставништва во истиот регион како и заради понатамошна превенција од ширење на корона вирус, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации.

„Во таа насока се одложува фотографирање на нашите граѓани за нови патни исправи. За подетални информации околу развојот на состојбите, македонските граѓани кои се наоѓаат во Италија, можат да го контактираат нашиот Генерален конзулат во Венеција на + 39 389 5837913 или venice@mfa.gov.mk,“ се додава во соопштението на МНР.

„Виз ер“ викендов соопшти дека ги прекинува летовите до Милано, Тревизо и Бергамо, заради состојбата со корона вирус.

Во Македонија, вкупно тројца се заразени од корона вирус чија што состојба е стабилна, а околу 50 лица се во изолација.