Главна секција МНР не дало поддршка и не било информирано за посетата и за...

МНР не дало поддршка и не било информирано за посетата и за разговорите на Ахмети во Атина

Министерството за надворешни работи едноставно не дало поддршка на патувањето на функционери на ДУИ во Атина, реагираат од МНР по соопштението на ДУИ во кое стои дека посетата на лидерот, Али Ахмети, и на владините функционери на Атина е приватна и партиска „исто колку што беше партиска посетата на министерот за надворешни работи, Никола Попоски“.

„МНР не даде, ниту сега дава квалификации за типот, причината или цената на патувањето од едноставна причина што не било информирано за патувањето претходно“, стои во реакцијата што ја добивме од МНР.

Реакцијата доаѓа откако денеска ДУИ во соопштение информираше дека ова не е прва посета на нивниот лидер и на владини функционери на Атина ниту, пак, е прва средба на Ахмети со министер за надворешни работи на Грција.

„На средбата утре ќе се дискутира единствено за спорот за името и за конкретните идеи. Наредниот период, додека Македонија има преодна влада, е најдобар за да се направи поместување во спорот за името“, стои во соопштението од ДУИ.

Ахмети, Џафери и Бесими на средбата со шефот на грчката дипломатија не одат во својство на владини претставници, соопштија завчера за „Мета“ од македонското МНР.

Грчки извори за „Мета“, пак, коментираа дека посетата на Ахмети е на негова иницијатива во рамки на неговите напори да се одржат контактите со меѓународната јавност.

Нашите извори велат дека оваа средба не е некаква порака од грчката влада, ниту нејзина иницијатива и сите клучни работи што требало да бидат кажани, биле разговарани со министерот Никола Попоски.