Свет Европа Многу жртви во Источна Европа по првиот обилен снег

Многу жртви во Источна Европа по првиот обилен снег

Во Украина, во силните снежни бури загинаа десет лица во повеќе региони, а без струја останале 1.500 градови и села

Uzhhorod, Zakarpattia Oblast, Ukraine / Photo by Violetta on Unsplash

Обилните снежни врнежи оваа недела во првиот голем студен бран сезонава низ источноевропските држави резултираа со бројни жртви и оставија илјадници градови и села без струја.

Во Молдавија, изминатиот викенд четири лица биле пријавени за починати, а две тела биле извлечени од автомобили затрупани под снежните наноси, пишува Гардијан.

Во Украина, во силните снежни бури загинаа 10 лица во регионите Одеса, Харкив, Миколаив и Киев. Без струја останале 1.500 градови и села, додека по бурата во Одеса, над 2.500 луѓе имале потреба од спасување, а 850 возила требало да се извлечат. Најтешко погодени биле јужните делови од земјата, откако автомобили и автобуси се излизгале од замрзнатите патишта, па локалните власти се борат со силните ветрови за да ги извлечат возилата.

Тешко погодена од мразот беше и Бугарија, која прогласи вонредна состојба, откако зимските бури оставија над илјада села без струја.

Во меѓувреме, Јужна Африка руши рекорди во максимални температури. Топлотниот бран таму трае речиси две недели. Во областите околу Северниот ‘рт, температурите се искачија над 40 степени Целзиусови.

Според јужноафриканската метеоролошка служба, во понеделникот била забележана максимална температура од 46,7 степени, соборувајќи го ноемврискиот рекорд од 46,2 степени Целзиусови. Покрај горештините, во делови од земјата неделава беа издадени предупредувања поради силни грмежи кои донесоа ветрови, град и интензивни врнежи од дожд.

Во западниот дел на Индија, на почетокот неделава загинаа најмалку 24 лица, а 23 се повредени како резултат на удари од гром и обилни дождови за време на несезонските врнежи во државата Гуџарат.