Македонија Мисијата на ОБСЕ во Скопје подготви онлајн курс за дигитална безбедност за...

Мисијата на ОБСЕ во Скопје подготви онлајн курс за дигитална безбедност за новинарки

Фото: ОБСЕ

За да им помогне на жените во медиумскиот сектор да развијат пристапи за дигитална безбедност што ќе ги направат побезбедни на интернет, Мисијата на ОБСЕ во Скопје го лансираше својот онлајн курс за дигитална безбедност.

Курсот се фокусира на конкретни предизвици со кои се соочуваат новинарите и онлајн и офлајн, вклучувајќи закани, говор на омраза, вознемирување, заплашување, клевета и други поврзани ризици. Лекциите изнесуваат ефективни начини за спречување и справување со нападите, како и поврзаниот психолошки стрес, а вклучително и предизвиците со ковид-19.

„Денес, на Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата против новинарите, го лансиравме нашиот курс кој им помага на новинарките да ја подигнат својата свест за постоечките ризици на интернет и да ги подобрат своите навики за дигитална безбедност. Само заштитени, безбедни и оснажени медиумски професионалци можат да помогнат да се изгради општество што ќе се потпира на демократските вредности, како и да понудат разновиден и навремен пристап до информации,“ рече Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Курсот е првично наменет за жените, но содржините може да им бидат од полза и на мажите, посочува ОБСЕ.