Економија Миноски само наоѓа изговори да не ги исплати субвенциите, велат земјоделците

Миноски само наоѓа изговори да не ги исплати субвенциите, велат земјоделците

Претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот Регион, Ристо Велков, вели дека министерот за финансии, Кирил Миноски, само си наоѓа изговори во Изборниот законик за да не се исплатат субвенции.

„Или нема пари, или политика е во прашање. Нека ми каже министерот кои избори се планирани во догледен период за да бидат пречка да не се исплатат субвенциите или, пак, каде во Изборниот законик пишува за исплатата на субвенциите. Исто така се работи за субвенции за 2015 и за 2016 година, кои требаше да бидат исплатени тековните години“, вели Велков.

Тој додава дека сè уште не знаат дали утре ќе се сретнат со министерот за земјоделство, шумарство и за водостопанство, Михаил Цветков, министерот за финансии, Кирил Миноски, и со директорот на Платежната агенција, Игор Златков, бидејќи немаат повратен одговор на барањата за средби.

Велков вели дека можно е од вторник, земјоделците да го блокираат влезот на Скопје.

„Ако ги блокираме граничните премини, тоа ќе биде на штета на земјоделците, бидејќи сега се врши откупот. На тој начин ќе се оневозможи извозот. За тоа што ќе правиме, одлука ќе донесеме за викендот“, додаде Велков.