Македонија Министерство за здравство: Новите ковид мерки утре на владина седница

Министерство за здравство: Новите ковид мерки утре на владина седница

Фото: Мета.мк

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, утрово на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) ги предложи мерките на Комисијата за заразни болести кои со консензус беа усвоени на состанокот, минатата недела, информираат во Министерството за здравство (МЗ).

– Министерот посочи дека мерките кои ги предлагаат здравствените експерти се целосно издржани и ќе дадат резултат и за одржување на релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјава како и за покачување на вакцинацијата во државата. Говорејќи за состојбата во државата, министерот образложи дека болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75 отсто до 80 отсто. Ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија и други – велат оттаму.

Министерот Филипче, информираат во МЗ, вечерва ќе одржи состанок со синдикатите за да ги слушне и нивните предлози, кои ќе бидат презентирани и на владината седница.

На денешниот состанок на Главниот координативен кризен штаб, не беа донесени заклучоци, туку предлог-мерките ќе се разгледуваaт утре на седница на Влада.

Меѓу мерките кои се очекува да стапат на сила деновиве, е онаа дека сите вработени во јавниот сектор, односно вработените во локалната самоуправа, во државните институции, при одење на работно место ќе мора да прикажат потврда за примена најмалку една доза вакцина или пак, да имаат негативен ПЦР тест направен на соствен трошок.

Ако тоа го немаат, ќе треба да прикажат потврда дека прележале ковид во последните 45 дена или пак, да покажат потврда од лекар специјалист во која ќе биде наведено зошто не можат да примат вакцина, а тоа се оние ретки имунолошки состојби, за кои Министерството за здравство ќе објави листа на болести и специјалисти кои тие потврди ќе ги издаваат.