Македонија Министерска тројка од ЕУ во посета на Скопје: Без уставни измени, ви...

Министерска тројка од ЕУ во посета на Скопје: Без уставни измени, ви се заканува изолација

Со единствена цел, заокружување на процесот на уставни измени, во Скопје пристигнаа тројца министри на три земји членки на ЕУ - Австрија, Чешка и Словачка, кои имаа средби со претставници на власта и на опозицијата

Фото: МНР

Со единствена цел, заокружување на процесот на уставни измени, во Скопје пристигнаа тројца министри на три земји членки на ЕУ. Шефовите на австриската, чешката и словачката дипломатија, ополномоштени и од високиот претставник за надворешни работи на Европската Унија, Жозеп Борел, денеска имаа средби со претставници на власта и на опозицијата, а со цел да се поттикне политички дијалог за, како што рекоа, исполнување на стратешката цел – продолжување на пристапувањето кон ЕУ, чија идна динамика зависи од уставните измени.

Во посета на Скопје се министрите за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, на Чешка, Јан Липавски и на Словачка, Мирослав Влаховски.

„Ако не се донесат уставните измени и ако не продолжи да оди по европскиот пат, Северна Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана. Штом ќе почнат преговорите, тоа е неповратен процес. Осумнаесет години земјата чека да дојде до овој момент, сега ви останува само да го искористите овој момент, да се биде политички одговорен, да се имаат националните интереси пред сè, а не партиските интереси“, изјави Шаленберг.

Фото: МНР

„Би било штета Скопје, откако истрча еден тежок маратон да се сопне на следната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминавме многу тешкотии“, порача Шаленберг на заедничката прес-конференција со Османи.

Словачкиот министер, пак, во својот говор ја посочи 2030 година како година кога земјата би требало да стане членка на Унијата, по што, како што рече, ќе се почувствува и раст на економијата и бруто домашниот производ.

„Целата Унија препознава дека Северна Македонија е подготвена успешно да ги заврши пристапните преговори, тоа се виде преку успешниот скрининг кој ќе заврши во ноември и потоа ќе треба да се отвораат преговарачките кластери и поглавјата. Ова е време кога треба да бидете самоуверени и да ги спроведете сите реформи за да успеете во преговорите. Треба сега да станете локомотива, пример, кој ќе се следи. Се надевам дека оваа задача ќе заврши до 2030 година. Сакаме, како пред две децении, да станете лидер на Балканот во ЕУ-интеграциите“, рече Влаховски.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, отфрла можност за вето од Софија.

„Нема други предуслови, освен веќе постојните патокази и акциски план“, рече Османи.

Тој додаде дека во однос на уставните измени, има отпор наметнат од дел од претставниците на опозицијата.

„Би рекол ирационален отпор зашто уставната измена, што како обврска ја презедовме, ни најмалку не ја менува суштината на нашето уставно уредување“, вели тој.

Османи најави дека во наредните денови предлог-измените на Уставот ќе поминат на влада и дека набрзо ќе се најдат пред пратениците кои, како што рече, ќе бидат пред изборот дали земјата да продолжи кон ЕУ или ќе остане блокирана.