Економија Минимален пад на каматите на кредитите и штедните влогови во јуни

Минимален пад на каматите на кредитите и штедните влогови во јуни

Фото: Мета.мк

Во јуни 2020 година, продолжи трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити, која што оствари месечен пад од 0,03 процентни поени и годишен пад од 0,39 процентни поени (п.п.), и истата во јуни изнесувала 4,80 отсто, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити (штедни влогови) оствари минимален месечен пад од 0,01 п.п. и изнесува 1,09 отсто, додека на годишна основа таа се намали за 0,32 п.п.

„Во јуни 2020 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,63 отсто, по забележан минимален месечен пад од 0,01 п.п. Падот е резултат на намалувањето кај сите компоненти на каматната стапка, и тоа: каматната стапка на кредитите во странска валута (0,03 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,03 п.п. и 0,02 п.п., соодветно). На годишно ниво, оваа каматна стапка е намалена за 0,29 п.п.“, соопшти Народната банка.

Оттаму информираат дека просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор, во јуни, изнесува 3,93 отсто и на месечно ниво е пониска за 0,04 п.п.

„Промената се должи на падот кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,04 п.п.) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,02 п.п.). Споредено на годишно ниво, оваа каматна стапка е намалена за 0,52 п.п.“, велат од Народната банка.