Македонија Мијатовиќ: Затворањето на Кежаровски е порака за застрашувачка цензура во Македонија

Мијатовиќ: Затворањето на Кежаровски е порака за застрашувачка цензура во Македонија

Високиот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, на својот твитер-профил напиша дека затворањето на новинарот Томислав Кежаровски е опасен преседан за слободата на медиумите во Македонија, пренесува порталот „Локално.мк“.

Таа вели дека „одлуката на скопскиот суд да се испрати новинарот Кежаровски во затвор испраќа порака за застрашувачка цензура“.

Завчера Апелацискиот суд Скопје го осуди новинарот Томислав Кежаровски на две години за затвор за откривање на идентитет на заштитен сведок, по што тој вчеравечер експресно беше префрлен од домашен притвор во затворот „Скопје“, во Шуто Оризари.

Филип Медарски, адвокат на Кежаровски, вчера за „Мета“ изјави дека е зачуден од брзината со која Кежаровски е префрлен на издржување на затворската казна и рече дека во случајот не се испочитувани некои процедури од страна на судот.

– Пресудата не беше доставена ниту до мене, ниту до Кежаровски. За да се исполнат условите за тој да биде однесен на издржување на затворската казна, треба да се испочитуваат некои процедури. Тие процедури траат најмалку две до три недели. Од ова сите сме затечени, но во македонските судови не очекувам правдата да ја види светлината на денот – изјави Медарски.

Реагираа и од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и го повикаа министерот за правда, Аднан Јашари, „да покрене иницијатива за ослободување на новинарот Кежаровски, а претседателот Ѓорге Иванов веднаш да ја прифати“.

Вчера на собирот пред Апелацискиот суд, новинарите и новинарските здруженија го искажаа својот револт од одлуката на судот и за вторник во 12 часот пред судот најавија протест на кој ќе се бара ослободување на Кежаровски.