Македонија Мијатовиќ: Новите инциденти само ја дополнуваат задушената медиумска атмосфера

Мијатовиќ: Новите инциденти само ја дополнуваат задушената медиумска атмосфера

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, реагираше поради неколкуте нови инциденти во Македонија, во кои новинари беа изложени на вербални и на физички напади.

„Последните закани против медиумите се длабоко загрижувачки. Медиумите мора да останат слободни од закани за да се дозволат независни, критички и плурални гласови во општеството. Ги повикувам властите веднаш да ги испитаат сите овие напади“, пишува во соопштението на Мијатовиќ.

Во соопштението на Мијатовиќ се вели дека се реагира за вербалните напади и закани упатени кон новинари во Скопје и во Битола, кои биле спречени да известуваат од настани.
„Овие инциденти само ја дополнуваат задушената медиумска атмосфера во земјата, каде неодамна имаше апсење и кривична осуда на новинар, именување новинар како странски агент и смртни закани. Овој тренд мора да се смени. Забележливата поделеност во медиумската заедница ги зголемува овие проблеми. Повеќе од кога било потребна е поголема солидарност меѓу новинарите“, напишано е во соопштението на Мијатовиќ.